25 години постоење (1998 – 2023) – Здружение за педагогија, промоција и заштита на културното наследство „Македонида“


мај 23, 2023 во 4:51 pm

М-р В. Таневски и  Г. Велков

Историјатот на здружението Македонида започнува во 1998 година со имплементација на проект „Едно училиште – еден споменик“, чија цел беше внесување на културното наследство во образованието на младите генерации со цел подигнување на свеста за значењето, заштитата и презентацијата  на културното наследство во Република Македонија. Овој проект се покажа како извонредно успешен и, и овозможи на Македонида да прерасне во значајна меѓународна невладина организација од областа на културното наследство на регионално и европско ниво. Во изминатите 25 години, здружението активно учествуваше во заштитата, промоцијата и едукацијата за културното наследство во  Македонија.

Првиот проект на здружението е проектот „Едно училиште – еден споменик е проект“ на имплементиран ширум Македонија во периодот од 1998 до 2009 година во партнерство со Советот на Европа и Фондацијата Наполи Новантанове (“Napoli Novantanove”) од Неапол која всушност и го подарува проектот на Македонида. Проектот во  соработка и со поддршка на Светскиот фонд за спомениците од Њујорк (World Monuments Fund), Фондацијата отворено општество – Македонија, Министерството за култура на Р.Македонија и Град Скопје. Целта на проектот беше вклучување на споменичното културно наследство во едукација на младата генерација во Македонија. Дваесетина училишта од Скопје, Куманово, Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Кичево и Македонски Брод “посвоија” по еден споменик на културата во нивната околина. Македонида организираше повеќе семинари за обука на наставниците вклучени во проектот со помош на прирачници со специјално подготвена образовна програма на македонски и на албански јазик. Мрежата на наставници, професори и ученици достигнуваше до 800 учесници. Учениците, потпомогнати од страна на наставниците, беа иницирани на креативна репродукција на содржините кои ги нудат спомениците т.е на нивните историски, уметнички, архитектонски и амбиентални културни вредности. Резултатите на неколку стотини ученици вклучени во проектот беа прикажани на изложби, презентации подготвени и изведувани од учениците, на театарски претстави и на други активности во училиштата и надвор од нив, на лице место на „посвоените“ споменици. Во рамки на проектот во манастирот Св. Јоаким Осоговски беа организирани две паралелки за културно наследство на кои учествуваа ученици, наставници и експерти од: Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Молдавија, Италија и Франција. Резултатите од активностите на паралелките за културно наследство беа прикажани на изложба во Советот на Европа во 2001 година, исто така  резултатите од проектот беа прикажани на неколку наврати преку семинари во: Македонија, Бугарија и Србија. Со помош на здружението Македонида и на Советот на Европа проектот беше имплементиран и во Србија во периодот од 2001-2004 година. По успешната реализација на проектот „Едно училиште – еден споменик“ во Македонија и во соседните земји Македонида ги отстапи сите права и едукативни материјали за понатамошна имплементација на проектот на Министерството за образование и наука на Р. Македонија, како понуда за изборен предмет.

Здружението Македонида со својата програма и работа стана пионир во Македонија за вмережување на граѓанското општество во меѓународните мрежи и организации кои работеа на заштитата и презентацијата на културното наследство а, исто така и голема логистика за вклучување на домашните институции за заштитата и развојот на валоризацијата  со  меѓународните експерти како на независно така и на академско ниво. Како резултат на големиот придонес во градењето на свеста за значењето на културните споменици  преку едукацијата во образовниот систем здружението добива грант од принцот од Лихтеннштајн и членството во меѓународната организација Европа Ностра со седиште во Париз.

Здужението Македоницда е сепак најпознато по едицијата на книги водичи посветени на највредното културно наследство на Македонија – македонските цркви и манастири.

Првата ваква книга е издадена во 1998 – “Седум споменици на културата во Скопје и Скопско“ (https://makedonida.org/kategorija/knigi/) и ги опфаќа следните споменици: црквата Св. Пантелејмон – Нерези, црквата Св. Никита – Бањани, црквата Св. Андреја – Матка, црквата Св. Димитрија – Марков манастир, Мустафа Паша џамија – Скопје, Куршумли-ан – Скопје и црквата Свети Спас – Скопје. Автори се: Елизабета Димитрова, Снежана Филипова, Гордана Велков и Венета Иљовска. Книгата е издадена дополнително  на англиски и француски.

Понатаму во 2014 година е објавена книгата „Седум средновековни цркви во Република Македонија“ (https://makedonida.org/kategorija/knigi/), во која се опфатени следните споменици: црквата Св. Софија – Охрид, црквата Св. Пантелејмон – Нерези, црквата Св. Ѓорѓи – Курбиново, црквата Пресвета Богородица Перивлепта – Охрид, црквата Св. Ѓорѓи – Старо Нагоричино, Црквата Св. Никита – Бањани и црквата Св. Архангел Михаил – Лесново. Автори се: Елизабета Димитрова и Гордана Велков.

Во 2019 година е објавена книгата „Седум цркви во регионот на Пелагонија, Мариово и Преспа“,  (https://makedonida.org/kategorija/knigi/) во која се обработени: Св. Ѓорѓи Курбиново, Св. Никола с.Манастир, Св. Архангел Михаил Варош – Прилеп, Св. Никола Варош – Прилеп, Манастир Трескавец, Манастир Зрзе  и Св. Богородица – манастир Сливница. Автори се: Елизабета Димитрова, Филип Нивонер, Ристо Палигора и Гордана Велков.

Во 2021 година е издадена книгата „Седум цркви во Охрид“, (https://makedonida.org/kategorija/knigi/) во која се обработени: Манастир Св. Наум, Св. Софија, Св. Богородица Перивлепта, Св. Јован Богослов – Канео, двете цркви од Болничкото маало, Мали Свети Врачи и Св. Константин и Елена. Автори се: Елизабета Димитрова, Гордана Велков и Ивона Панџак Пинева.

Стручни тимови од здружението Македонида, учествувале и на разни проекти за заштита и конзервација на културно историското наследство. Во 2003 година, здружението Македонида беше дел од проектот „Истражување и конзервација на пештерната црква посветена на Архангел Михаил во село Радожда“, во соработка со World Monuments Fond oд Њујорк и Националниот конзерваторски центар на Р. Македонија. При што беше извршено раслојување на фреските, и беше откриен фрескоживописот од 13 век. Во 2004 година е објавен документарниот филм „The Cave Church dedicated to Archangel Michael in Radozhda“, објавен само на англиски јазик и спонзориран од World Monuments Fund. Во 2005 година, здружението Македонида беше носител на проектот за конзервација на фрескоживописот во црквата Св. Богородица во манастирот Сливница, и овој проект беше во соработка со World Monuments Fond oд Њујорк. Како резултат од заштитата и превземените конзерваторски активности беа објавени книги на македонски и англиски јазик. Овие активности на здружението Македонида и донесоа признание како здружение на годината 2005 од страна на организација Европа Ностра. Соработката со УЗКН, националните конзерваторски центри во насока на експертиза, консултации, логистика во соработка со меѓународни академии, институции и дипломати продолжи до ден денес. Членството во меѓународните мрежи и донесоа на Македонида многубројни учества на меѓународни конференции и семинари за заштита и презентација на културното наследство на Македонија пред многубројна академска сцена и институции од културата.

Во 2006 година за време на Фулбрајтовскиот престој на председателот д-р Панче Велков во САД беа организирани бројни предавања пропратени со изложби на авторски фотографии од средновековното културно наследство на Македонија. Би го издвоиле: предавањето во Гети институтот (Getty Research Institute) во Лос Анџелес, Институтот Дамбертон Оукс (Dumbarton Oaks) во Вашингтон  и уште многу други. Овие презантации овозможија подршка и соработка со Nationаl Trust во Америка.

Во 2009 –та година здружението Македонида во соработка со градот Џенова и регионалната библиотека на Лигурија во Џенова Берио, организираше изложба на фотографии и репродукции од колекцијата на најстарите ракописи во Македонија во сопственост на „Универзитетската библиотека Св. Климент Охридски“. Во истата година Македонида организираше изложба и презентација на културното наследство на Македонија во градот Монтевидео во Р.Уругвај а во 2012 година за возврат во Скопје организираше изложба на уметниците Енрике Бадео и Алесандра Гадеа во Музеј на Град Скопје.

Македонида во 2012 година стана член уште на една меѓународна мрежа ФРХ (Future for Religious Heritage) со седиште во Париз под покровителство на Советот на Европа. Во склоп на активностите здружението Македонида учествуваше со статистичкиот проект за колкав е бројот и колку религии и религиозни групи има на територијата на Македонија.

Во 2011 година, здружението Македонида објави уште еден документареn филм со наслов „Preserving the Sacred Cultural Heritage in the Republic of Macedonia/Зачувување на светото културно наследство на Република Македонија“, спонзориран од фондацијата Ричард Дрихаус од Чикаго.

Од 2016 година „Здружението „Македонида“ го реализира проектот „Македонски фрески – Маско 360“, во соработка со проф. д-р Филип Нивонер од Факултетот за Христијанска археологија и византиска историја на уметност при Универзитетот во Гетинген, Германија, а со поддршка на германскиот институт „Макс Планк“ и УЗКН. Студентите од Гетинген изработија богата фотодокументација којашто беше изложувана неколку пати низ Европа (универзитетот во Минхен и др) и Македонија (Битола и Скопје). Проектот беше со цел да се поттикнат институциите за заштита на црквата Св. Ѓорѓи во село Крубиново. Овие активности на здружението, придонесоа до објавување на статија во престижниот весник/списание „New York Times“ во 2019 година со што со значењето, но и проблемите на заштитата на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново се запозна целата светска јавност (https://www.nytimes.com/2019/07/15/world/europe/macedonia-church-of-st-george-restoration.html). Во 2018 година, на семинарот посветен на валоризација на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, Преспа и иницијативата Факел на Еропската Унија во Македонија, на 28 септември, во Скопје беше прикажан најновиот документарен филм на Македонида – „Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново – Историјат, културно значење и конзервација“ (https://www.youtube.com/watch?v=FSl3juiRmOM), спонзориран од канцеларијата на Европската унија во Скопје.

Од 2020, здружнието Македонида, работи на проектот „Регистар на средновековни цркви во Охридскиот регион“, при теренските активности беа евидентирани 28 средновековни цркви, податоците кои се собрани, годинава ќе бидат објавени на веб – сајт. Тимот којшто работи на овој проект е: д-р Панче Велков (раководител), д–р Е. Димитрова, д-р М. Тутковски, м-р Владимир Таневски и Гордана Велков. Понатаму овој проект планираме да го прошириме и во другите области во државата, создавајќи регистар кој ќе биде пристапен за сите, а и своевидна промоција на културното наследство во Македонија.

Здружението „Македонида“ ги промовира и младите уметници од Македонија, и ги поврзуваа со уметниците од другите држави од светот, разменувајќи искуства и ликовна креативност. Од 14 август до 1 септември 2019 година во Скопје, здружението Македонида организираше уметничка резиденција на тема: „Допри го просторот“. Ова е првата уметничка резиденција на македонска територија на која учествуваат уметници од Јужна Америка и од кај нас, и тоа: Франциско Томшич (Уругвај, Словенија), Џулиета Ортиз де Латиеро (Аргентина), Татјана Кочмyр (Аргентина, Словенија), Аугусто Гадеа  (Уругвај)  и Џорџе Јовановиќ (Скопје), Владимир Лукаш (Скопје). Куратор  на проектот беше Гордана Велков, а Хенрике вон Девиц од Германија се погрижи за снимање и документација на резиденицијата. Уметници од Сардинија во периодот од 18.09.2022 до 02.10.2022 престојуваa во арт резиденцијата на здружението Македонида, ул. Атинска 2, Скопје каде ги изработуваа своите дела и на 01.10.2022 беа прикажани на  завршна работна изложбa во прoсториите на резиденцијата. Исто така и македонските уметници од Скоје во периодот од 02.10.2022 до16.10.2022 престојуваа во арт резиденцијата на здружението Отоволанте Сулцис, Сардинија и на 15.10 се претставија со работните уметнички дела во Градската галерија при општината на градот Сент Антиоко. Учесници на оваа арт резидендција беа: Кјара Александра Јанг, Марко Манкони и Давиде Мариани од Сардина, и Зоран Шекеров, Лина Дамјан и Ана Спасова од Скопје.

Во текот на постоењето здружение Македонида има добиено голем број на награди, меѓу кои во септември 2021 година Future for Religious Heritage – Europe (ФРХ) го прогласи Здружението за педагогија, промоција и заштита на културното наследство „Македонида“ за организација на месецот. Здружението „Македонида“ соработува со речиси сите институции во Македонија, вклучително и МПЦ – ОА, и други невладини организации. Сите проекти на Македонида се реализираат во соработка со странски партнери. Соработката и поддршката од страна на значајни меѓународни организации е од клучно знаење за опстојување и успешно функционирање на нашата организација. Тука ќе го спомене пред се Советот на Европа, Светскиот фонд за заштита на спомениците од Њујорк, бизнисменот и филантропот Ричард Х. Дрихаус од Чикаго, асоцијацијата Европа Ностра, ИКОМОС и асоцијацијата ЕФХ. За крај би сакале да се заблагодариме на сите досегашни наши соработници, кои беа дел од ова здружение. Продолжуваме понатаму во нови успеси и нови проекти, отворени за соработка со сите кои се желни.



Погледни ги сите објави