Здружение за педагогија, промоција и заштита на културното наследство


Настани

Ретроспектива на ликовното творештво на Ленче Митевска

13 мај (вторник), 19:00 ч. | Уметничка резиденција „Македонида“, ул. Атинска 2

Ретроспектива на ликовното творештво на Ленче Митевска
Организатор: м-р Ленче Митевска
Соработник: Гордана Велков, историчар на уметност
Локација: Уметничка резиденција „Македонида“, ул. Атинска 2 (Веро 2), Скопје
13 мај (вторник), 19:00 ч.
Настанот се организира со поддршка на Општина Карпош

Изложбата на уметничките дела на Ленче Митевска претставува ретроспектива или еден  преглед наназад, од почетокот на нејзиното ликовно творештво во 80 – тите години до 2016 година. Од почетокот на творечкиот период на Ленче Митевска нејзините дела го отсликуваат нејзиниот темперамент и жар со кој посветено и со голема љубов ја гради својата уметничка сцена. Уметничката сцена на Митевска постепено расте и еволуира во разни ликовни содржини.  Митевска следејќи го својот инстинкт и естетика успешно и за кратко време го создава личниот и препознатлив сликарски белег во своите творби. Нејзините први сликарски мотиви припаѓаат на периодот на Бела – Арте или убавата уметност  на 90 – тите години во Македонија и регионот. Тоа се дела со флорални фигурации, пејзажи, амбиентално аранжирана мртва природа со носталгичен и романтичен призвук на убавото доживување. Подоцна Митевска, амбиентот на сликите го исполнува со архитектонски елементи и објекти на реалистично насликани традиционални куќи и дворови кои претставуваат сентиментален документ на местата и луѓето во нејзиното опкружување. Во понатамошната ликовна еволуција, како и во мотивот Ленче Митевска ја развива и проширува сликарската техника употребувајќи акрилни бои, еден период работи и со црна печатарска боја каде апстрактно и графички создава серија на колажи со тема на социјалната патологија како појава во 2000 – тите години. Милениумската декада на Ленче Митевска ја одбележуваат циклуси на апстрактни слики но и фигурации во апстрактна позадина допирајќи ја димензијата на потсвеста каде се мешаат реалноста, сеништата и желбите. Работејќи во своето ателје во Тетово, Ленче Митевска неуморно експериментира употребувајќи и различни медиуми, рачно работена хартија, стакло, глина и создава серија на објекти од применетата уметност со ликовна и уметничка декорација. Митевска  има реализирано многу самостојни и заеднички изложби, и учествувала на многубројни ликовни колонии, работилници и семинари во Македонија, регионот и во земјите на Европската Унија: Словенија, Бугарија, Франција и Германија.

Гордана Велков, историчар на уметноста