Фотографии од отварањето на изложбата на Ленче Митевска


мај 18, 2025 во 2:09 pm

Фотографии од отварањето на изложбата на Ленче Митевска во уметничката резиденција на Здружението на 13 мај.

Изложбата на уметничките дела на Ленче Митевска претставува ретроспектива или еден  преглед наназад, од почетокот на нејзиното ликовно творештво во 80 – тите години до 2016 година. Од почетокот на творечкиот период на Ленче Митевска нејзините дела го отсликуваат нејзиниот темперамент и жар со кој посветено и со голема љубов ја гради својата уметничка сцена. Уметничката сцена на Митевска постепено расте и еволуира во разни ликовни содржини.  Митевска следејќи го својот инстинкт и естетика успешно и за кратко време го создава личниот и препознатлив сликарски белег во своите творби. Нејзините први сликарски мотиви припаѓаат на периодот на Бела – Арте или убавата уметност  на 90 – тите години во Македонија и регионот. Тоа се дела со флорални фигурации, пејзажи, амбиентално аранжирана мртва природа со носталгичен и романтичен призвук на убавото доживување. Подоцна Митевска, амбиентот на сликите го исполнува со архитектонски елементи и објекти на реалистично насликани традиционални куќи и дворови кои претставуваат сентиментален документ на местата и луѓето во нејзиното опкружување. Во понатамошната ликовна еволуција, како и во мотивот Ленче Митевска ја развива и проширува сликарската техника употребувајќи акрилни бои, еден период работи и со црна печатарска боја каде апстрактно и графички создава серија на колажи со тема на социјалната патологија како појава во 2000 – тите години. Милениумската декада на Ленче Митевска ја одбележуваат циклуси на апстрактни слики но и фигурации во апстрактна позадина допирајќи ја димензијата на потсвеста каде се мешаат реалноста, сеништата и желбите. Работејќи во своето ателје во Тетово, Ленче Митевска неуморно експериментира употребувајќи и различни медиуми, рачно работена хартија, стакло, глина и создава серија на објекти од применетата уметност со ликовна и уметничка декорација. Митевска  има реализирано многу самостојни и заеднички изложби, и учествувала на многубројни ликовни колонии, работилници и семинари во Македонија, регионот и во земјите на Европската Унија: Словенија, Бугарија, Франција и Германија.

Гордана Велков, историчар на уметноста 



Погледни ги сите објави