Изложбата „A/R Каљари-Скопје“ има за цел обединување на делата изработени за време на Уметничката резиденција во 2022 година помеѓу двете места (Скопје / Сант Антиоко, Сардинија). A/R (andata e ritorno; повратен пат) е патувачки дневник на уметниците, нивните идеи и соочување со новините од стекнатото искуство. Целта на обединувањето на креацијата е да се развие идеја на зближување на младите уметници преку уметноста, културата, различностите во живеењето, но и сличностите во културата и традицијата во регионалните рамки на Европа кои делат заеднички вредности.
Тука обединувањето го ставаме во една географска поширока медитеранско-балканска рамка каде што на некој специфичен уметнички традиционален начин можат да се надоврзат уметноста, културата и традицијата на младите автори од Скопје и Сардинија, (Р.С. Македонија и Р.Италија).
Акцентот во уметничките дела спонтано го создаде контрастот на пејзажот помеѓу еден централно медитерански, географски изолиран регион со своите специфичности (културно, историски и современи), и пејсажот на градот Скопје како дел од македонскиот планинско- ограничен пејзаж, изолиран културно, историски и современо-политички помеѓу Балканот и Медитеранот.
Делата со кој се прикажуваат младите автори во Музејот на град Скопје и од двете страни се работени во различни медиуми, фотографија, дигитален цртеж, филм, звук. Сите се од областа на визуелните ликовни уметности, но исто така и музиката, поточно звучни сегменти, кои го отсликуваат и збогатуваат фигуралниот простор на некои од содржините на уметничките дела на авторите.
Кај македонските авторки Лина Дамјан и Ана Спасова преовладува фотографијата како медиум. Фотографскиот објектив кај двете авторки го отсликува нивниот различен фокус на сензации на уметничкото доживување како третман и уметнички пристап. Ана Спасова ја истражува архитектурата. Во нејзините фотографии се отсликува амбиентот на Медитеранот и магијата на историјата и културата која стои статично покрај современото и сѐ уште доминира на посебен начин врз цивилизациските вредности. Лина Дамјан на фотографиите интервенира и ги доработува во компјутерска графика и на реалната содржина и отстапува простор на имагинацијата и емоциите, создавајќи го оригиналното чувство и приказ на нејзините доживувања за време на уметничката резиденција во Сант Антиоко.
На изложбата со наслов “A/R Каљари-Скопје” се претставени и дела од младите уметници, со потекло од Сант Антиоко, како и една од главниот град на Сардинија, Каљари. Кјара Александра Јанг, Марко Манкони и Давиде Мариани .
Уметниците од Сардинија во периодот од 18.09.2022 до 02.10.2022 престојуваа во Уметничката резиденција на здружението „Македонида“, ул. „Атинска“ 2, Скопје каде ги изработија своите дела и на 01.10 прикажаа завршна работна изложба во просториите на резиденцијата. Исто така и македонските уметници од Скопје во периодот од 02.10.2022 до 16.10 2022. престојуваа во арт резиденцијата на здружението „Отоволанте Сулчис“, во Сант Антиоко и на 15.10 се претставија со работните уметнички дела во Градската галерија при Општината на градот Сант Антиоко.
Гордана Велков
Историчар на уметност