Здружение за педагогија, промоција и заштита на културното наследство


Настани

Низ фотографскиот објектив на Македонида

29.5.2025 | Музеј на град Скопје

Фотографска изложба „Низ фотографскиот објектив на Македонида“
Организатор: Гордана Велков, историчар на уметност – Здружение „Македонида“
Стручен соработник: м-р Владимир Таневски, историчар на уметност
Автор на фотографии: д-р Мишко Тутковски, археолог
Музеј на град Скопје, 29 мај (четврток), 20:00 часот
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Изложбата „Низ фотографскиот објектив на Македонида“ претставува презентација на фотографии од архивот на Здружението „Македонида“, изработени за книгите: Seven Mediaeval Churches in the Republic of Macedonia, Seven Churches in the Regions of Pelagonia, Mariovo and Prespa и Seven Churches in Ohrid. Значајното културно наследство што го поседува Македонија е резултат на вековните вкрстувања на различни цивилизации. Секако, грижата и афирмацијата на македонското културно наследство е наша заложба за денес и за во иднина. Во поглед на уметничкиот квалитет на ликовната продукција, средновековниот период е најбогат. На изложбата е прикажан развојот на христијанската иконографија, ликовните изразувања, стилските одлики, вештината и посветноста на зографите од XI век до почетокот на XIX век. Развојот на фрескоживописот е презентиран преку најзначајните фрескоансамбли, од катедралната црква на Охридската архиепископија – Света Софија до манастирот Свети Наум на бреговите на Охридско Езеро. Секоја фотографија од сите цркви зборува за живата историја и духовност која е втисната во ѕидовите на овие свети места. Оваа ликовна сцена, која припаѓа на христијанската уметност, претставува почеток и сведочи за континуитетот на македонската уметност. Уникатните цркви и манастири кои и денес живеат како духовни светилишта на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, се вткаени во македонскиот идентитет.