Настани кои ја одбележаа 2024 година за Здружението Македонида


јануари 4, 2025 во 12:37 pm

Здружението Македонида Ви посакува среќна и успешна Нова Година и весели божиќни празници!

Изминатата година за нас беше навистина плодна, нашето Здружение, ја продлабочи соработката со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, дополнително книгите посветени за културното наследство беа купувани од голем број на домашни и странски туристи што ни претставува посебна радост и поттик за понатамошни активности. Покрај тековните активности и планирање на нови, Здружението и нашите соработници/членови во 2024 година оставарија голем број на успеси и учествуваа на разни настани, ќе одвоиме дел од нив:
25. јануари – во Културен и информативен центар – Битола се оддржа настанот во „Сеќавање за м-р Ристо Палигора (1961 – 2018)“ со промоција на книгата – водич „Седум цркви во Пелагонија, Мариово и Преспа“ во издание на Здружението „Македонида“. На настанот се присетивме на нашиот драг колега м-р Ристо Палигора. Промотор беше Владо Ѓорески, додека настанот беше поддржан од Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“.

14. март – во Музеј на град Скопје, беше отворена изложбата „Приказни во тиркиз – Извор на животот” на Ана Митевска. Куратор на изложбата беше Гордана Велков.
29. март – Претседателот на Здружението, д-р Панче Велков во манастирот Ленин (Lehnin) покрај Берлин оддржа предавање за црквата Св. Ѓорѓи во с. Курбиново. На настанот беа изложени и фотографии од црквата Св. Ѓорѓи кои се во сопственост на Здружението „Македонида“

 

16. мај – беше отворена изложбата „Превртена Археологија – Homo Ludens помеѓу фактите и архитиповите“ на Вилсон Нето. Куратори на изложбата беа Гордана Велков од Македонија и Алдонсо Паласио од Бразил.

29. мај – во Музеј на град Скопје беше отворена изложбата „Низ фотогафскиот објектив на Македонида, уметноста на средновековните цркви во Охрид и охридско“ и промовирана веб-страната „Регистар на средновековни цркви во Охрид и охридско“. Организатор беше: Гордана Велков, стручен соработник беше м-р Владимир Таневски, додека фотографиите беа на д-р Мишко Тутковски.

Август – Претседателот на Здружението, проф. д-р Панче Велков, беше добитник на награда – специјална повелба на хуманизмот на Охридската академија на хуманизмот предводена од почитуваниот Јордан Плевнеш. Наградата е доделена за долгогодишната работа во заштитата и промоцијата на средновековните цркви во Охрид и Македонија. Иста ваква награда му беше доделена и на проф. д-р Ролф Ахилес од School of the Art Institute of Chicago, за придонесот во заштитата и промоцијата на охридските цркви.

Октомври – започна „Арт Резиденција’24 – Каљари-Сент Антиоко-Скопје“. На 11.10 во резиденцијата на Здужението беше организирано отворено студио на кое беа прикажани делата на италијанските учесници (Џузепе Косу, Емануеле Малоци и Луција Паулис). Потоа македонските уметници Мила Добревска, Аница Китаноска и Ангела Савевска заедно со кураторот Гордана Велков престојуваа во Сент Антиоко и Болоња. Во Болоња на 28 октомври беше отоврена изложбата на која беа прикажани делата на сите уметници, учесници на оваа уметничка резиденција.

За жал во ноември починаа: проф. д-р Наде Проева (1949 – 2024) и митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј (1951 – 2024). Професорката Проева и владиката Тимотеј беа наши поддржувачи и соработници. Проф. Проева беше и „кума“ на нашето Здружение и една од главните консултанти на нашите проекти, додека со владиката Тимотеј имавме одлична соработка за изработка на книгата „Seven Churches in Ohrid” и веб-страната „Регистар на средновековни цркви во Охрид и охридско“.
Во новата 2025 година веќе планираме голем број на нови проекти. Продолжуваме понатаму да ги поддржуваме сите видови на уметничка креација, да го промовираме и презентираме нашето највредно средновековно културно наследство т.е. византиските цркви и отворени сме за соработка со сите заинтересирани.



Погледни ги сите објави